
Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села официјално ја напушта коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција. Одлуката вечерва ја донесе Централното претседателство на партијата, по што беше соопштено дека АА ќе делува самостојно, а нејзините пратеници во Собранието ќе функционираат како независна пратеничка група.
„По суштински и многу важни дискусии, членовите на претседателството едногласно донесоа одлука за автономно делување на Алијанса за Албанците“, се наведува во соопштението. Од партијата најавуваат дека во наредните денови нивните пратеници ќе ја формализираат независната група во парламентот.
Од АА на Села посочуваат дека коалицијата со која настапија на последните локални избори извојувала победа на национално ниво според бројот на освоени гласови и советнички места, но дека исходот во градоначалничките трки бил крајно неповолен.
Партијата обвинува дека се соочила со „моќен државен инженеринг“ и координирани интеракции меѓу албанските партии на власт и македонските политички субјекти, со цел реализација на „платформата на ВМРО-ДПМНЕ за дефакторизација на Албанците“. Според нив, од овие процеси најмногу загубиле самите Албанци, кои по централната власт, сега биле „деградирани и на локално ниво“.
И покрај политичката криза во албанскиот блок, од партијата на Села нагласуваат дека остануваат решени да ја бранат националната кауза на Албанците во Македонија. Се претставуваат како силен опозициски глас, кој ќе продолжи да комуницира со албанските опозициски субјекти, за што – како што велат – навреме ги информирале и нивните досегашни коалициски партнери.
„Националната кауза, рамноправноста на Албанците и Уставот, како и санирањето на штетите направени од актуелната Влада, остануваат наша примарна политичка определба,“ стои во нивното соопштение.
Повлекувањето од коалицијата Села го најави уште вчера, во телевизиско интервју во кое ги посочи и трите услови под кои неговото крило на АА би можело да биде дел од Владата. Решението на Централното претседателство вечерва го формализира почетокот на ново, самостојно политичко делување на ова крило на Алијансата.

