
Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, чија официјална посета претставува уште една силна потврда на германскиот фокус кон регионот и особено кон Северна Македонија.
Муцунски изрази задоволство од посетата, истакнувајќи дека интересот на Германија е важен сигнал за стабилноста и перспективата на регионот на Западен Балкан. Тој нагласи дека поддршката од Берлин е клучна за забрзување на европскиот пат на државата.
„Оваа посета е јасен показател за силната германска поддршка на нашата европска перспектива,“ истакна министерот, додавајќи дека двете земји повеќе од три децении градат стабилни и динамични билатерални односи. Токму тие, како што потенцира, се цврста основа за продлабочување на соработката и за отворање нови можности за партнерство.
На средбата, Муцунски и Вадефул разговарале за текот на евроинтегративните процеси, реформите што Македонија ги спроведува и регионалните динамики што влијаат врз политичката стабилност на Балканот. Германскиот министер уште еднаш ја потврдил позицијата на Берлин дека европската интеграција на регионот е најсилниот механизам за долгорочен мир и развој.
„Германија останува силен поддржувач на земјите од Западен Балкан,“ порача Вадефул, нагласувајќи дека стабилен и интегриран Балкан е од суштински интерес за цела Европа.
Посетата на германскиот министер се оценува како значајна дипломатска порака во клучен период за македонските евроинтеграции и регионалната соработка.
