
Со повеќе од две децении искуство во водење комплексни проекти, институционални реформи и развој на човечки ресурси, д-р Кирил Миноски ја гради својата кариера на експертиза во финансиите, стратегиското управување и меѓународниот развој. Од министер за финансии, преку лидер на повеќе проекти финансирани од Светска банка и Европската Унија, па сè до Team Leader и Change Management Expert, Миноски знае дека вистинската трансформација не започнува со регулативи, туку со луѓето кои ги спроведуваат вели Миноски за 24hr.
„Во основата на секоја успешна институционална трансформација се луѓето. Без нивна свесност, мотивација и посветеност, ниту една реформа не може да биде одржлива. Промената бара прво да се создаде свесност за нејзината потреба, потоа мотивација и обуки, и конечно институционализација – воспоставување на нови вредности и култура кои ќе ја одржат реформата на долг рок“, објаснува Миноски.
Како поранешен министер за финансии, тој потврдува дека воведувањето реформи во јавниот сектор е особено тешко поради инерцијата и отпорот кон промените. „Институциите што со децении функционираат на ист начин развиваат култура на рутина. Отпорот доаѓа од страв од губење контрола, страв за работното место, недостаток на вештини или едноставно замор од чести реформи што не даваат резултати“, вели Миноски.
Во својата улога како Team Leader и Change Management Expert на проект поддржан од Светската банка и ЕУ, тој посочува дека најголемите предизвици се луѓето, а не технологијата или процесите. „Технологијата е алатка, процесите се мапираат и оптимизираат, но луѓето го носат или го сопираат успехот. Без инвестиција во човечкиот фактор, дури и најсофистицираната технологија останува неискористена.“
Миноски посочува дека успешната дигитализација не започнува со технологијата, туку со јасно дефинирани процеси и компетентни вработени. „Технологијата може да ги автоматизира процесите, но ако нема обучени и мотивирани луѓе, таа станува товар – се јавуваат грешки, отпор кон новите системи или недоволна искористеност. Само кога дигитализацијата оди рака под рака со обука, критичко мислење и етика во користење на податоци, таа ја засилува човечката компетентност.“
Миноски е и еден од основачите на Македонската асоцијација за човечки ресурси и посочува дека улогата на HR денес е стратешка, а не само административна. „Сè повеќе компании ја гледаат HR функцијата како клуч за развој на организациската култура, грижа за вработените и иновации. Сепак, многу институции сè уште гледаат на HR како трошок, а не како инвестиција.“
За иднината на јавниот сектор во Македонија, Миноски гледа хибриден модел – дигитален, мобилен и ориентиран кон граѓаните, но и привлечен за новите генерации. „Потребен е системски пристап: поедноставување и стандардизација на процесите, дигитална трансформација со интероперабилност и сајбер безбедност, реформа на HR системите со вработување базирано на заслуги, континуирана обука и можности за развој. Само така администрацијата ќе стане ефикасна, отворена и подготвена за иднината.“
Целото интервју на следниот ЛИНК
