Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Двојно повеќе зеленило, чист и еколошки Центар во следните четири години

18/11/2025  10:42

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за „Призма” истакна дека во следните четири години ќе се заложи за двојно зголемување на зеленилото според бројот на високостеблести дрвја и вкупната покриеност со зелени површини.

„Во моментов имаме детектирано околу 10.000 високостеблести дрвја. Нашата визија е значително да го зголемиме овој капацитет. Планираме да ги збогатиме дел од постојните паркови и зелени површини, а со измените на законските регулативи задолжително предвидуваме повеќе дрва и зеленило во самите парцели,” истакна градоначалникот.

Герасимовски нагласи дека екологијата и зелената енергија се главен приоритет на Општина Центар.

„Ја основавме Енергија Центар, првото вакво претпријатие со можност за производство и продажба на електрична енергија. Веќе поставивме фотоволтаични централи на повеќе локации, а најголемата е на училиштето ,,Киро Глигоров”. Бидејќи општината нема индустриска зона, создадовме начин буџетот да се полни не само од даноци и комуналии, туку и од обновливи извори на енергија, при тоа обезбедувајќи ги потребите на нашите објекти и создавајќи профит,” посочи тој.

Герасимовски се осврна и на состојбите со хигиената и одржувањето на зелените површини во општината, како и на критичните точки каде треба да се поработи за да функционира градот.

„Јавната хигиена беше во многу лоша состојба. Во изминатите три години сами изнајмувавме механизација, работевме двосменски и организиравме засилени теренски екипи. ЈП ,,Паркови и зеленило” е, исто така, во критична состојба, дрвја паѓаат при дождови, а дел од зелените површини се сушат, што е недозволиво. ЈСП мора целосно да се реконструира, бидејќи создава проблеми за граѓаните со сообраќајот, загадувањето и хаосот во паркирањето,” истакна градоначалникот на Општина Центар.

Герасимовски додаде дека секоја активност што ја презема општината е во интерес на граѓаните, ослободена од политички влијанија. Очекува конструктивна соработка со градските власти, повторно за доброто на сите скопјани.

„Кога граѓаните се во прашање, политиката нема место. Ние мора да имаме соработка на највисоко ниво, во интерес на граѓаните. Недозволиво е да ги кочиме процесите поради остварување на некои политички цели. Сигурен сум дека ќе имаме одлична соработка”, рече градоначалникот.