
Со три минутен молк во чест на 63-те млади животи загинати во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска во Скопје заврши „Маршот на ангелите“ граѓански протест кој повторно ги обедини илјадниците присутни околу заедничкиот повик за правда и одговорност. Како што уште претходно беше истакнато, протестот има за цел да укаже дека институциите задоцниле во спречувањето на катастрофата и дека јавноста нема да дозволи овој случај да биде заборавен.

Маршот се движеше по две рути од Плоштад Македонија и од Основниот кривичен суд, а двете колони се споија пред Собранието, каде што беа одржани повеќе емотивни и силни обраќања. Токму таму се почувствува најголемата сила на протестот: гнев, болка, но и решителноста на семејствата и граѓаните да не дозволат трагедијата од Кочани да остане без одговорни.

Особено одекна говорот на млада демонстрантка која ја пренесе болката на семејствата од Кочани, нагласувајќи дека секое патување дотаму е ново оживување на трагедијата.

„Секој пат кога одевме во Кочани ја чувствував болката на овие родители, на нивните браќа и сестри кои стојат тука денес пред нас,“ рече таа.

Со треперлив, но решителен глас додаде дека тагата за иднините што никогаш нема да се исполнат е неизмерна:
„Како да сум ја споделувала секоја вечер на овие 63 млади луѓе, секој нивен план што никогаш нема да се оствари.“

Таа ги постави прашањата што болат многумина:
„Зошто нашата држава повеќе личи на казна отколку на дом? Зошто растеме со страв наместо со надеж? И зошто кога ќе се случи најлошото – повторно никој не одговара?“
Демонстрантката остро ги критикуваше институциите кои, веднаш по трагедијата, како што рече, „заминале на одмор, а потоа директно влегле во политичка кампања“.

„Боли што некој помислил дека ова ќе се заборави. Но ова не е нормално – и нема да го прифатиме,“ истакна таа.
Говорот го заврши со силна порака:
„Сите ние заслужуваме подобро. Овие родители заслужуваат подобро. И затоа за правда нема да молиме, за правда ќе се бориме!“
Слично силен и потресен беше и говорот на друг демонстрант, кој потсети дека обвинителниот акт за случајот опфаќа 35 лица и три правни субјекти – меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и лица поврзани со ноќниот клуб, кој го нарече „клубот на смртта“.

Тој порача дека процесот мора да биде транспарентен и непристрасен:
„Нема да дозволиме позицијата, влијанието или политичката моќ да станат штит за неказнивост.“
Посочи дека секое одолговлекување на судските постапки е нова рана за семејствата и уште еден удар врз довербата во институциите.
„Долготрајноста на постапките за тешки кривични дела е повреда на правото на ефикасно судење. А ние повеќе не можеме да чекаме,“ рече тој.
Апелираше до судиите и обвинителите да ја исполнат својата законска и морална обврска:
„Судот мора да обезбеди јавна, ефикасна и непристрасна постапка. Да нема заштитени, да нема притисоци, да нема политички калкулации. Да владеат само вистината и одговорноста.“
Говорот го заврши со ехо што силно одекна меѓу присутните:
„Не бараме милост. Бараме правда. Не бараме одмазда. Бараме одговорност. Нашите деца немаат глас – затоа ние ќе зборуваме за нив. И нема да замолчиме сè додека правдата не стигне. Зашто правдата за Кочани е правда за сите. Правда, правда, правда!“
„Маршот на ангелите“ уште еднаш го покажа единството, болката и упорноста на граѓаните кои бараат одговорност од сите институции – и ветуваат дека нема да запрат додека вистината не биде целосно и јавно докажана.

