Skip to main content
Македонија

Мицкоски од Косово: Договоривме конкретни чекори, кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски

18/11/2024  15:24

„Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување регионална стабилност и безбедност. Договоривме конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот“, рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер, Аљбин Курти.

Мицкоски посочи „Веруваме дека инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина. Дискутиравме и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани.

„Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите“, рече премиерот, кој му се заблагодари на Курти за топлото гостопримство и за успешната и конструктивна средба.