
Здружението на здравствени работници на Србија денеска ја повика Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад и во соопштението наведе дека „целосно“ ги поддржува студентите на Медицинскиот факултет во Белград кои исто така апелираа до неа да прекине со штрајкот.
Денеска е 14-ти ден откако Хрка, чиј син беше меѓу 16-те што загинаа при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, започна штрајк со глад во близина на српскиот Парламент.
Во соопштението, тие нагласуваат дека и професионално и од аспект на хуманост, ја молат Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад и, како што наведоа, „заедно да ја продолжат борбата“.
„Како здравствени работници, ја повикуваме Дијана Хрка да ги слушне студентите по медицина и нас бунтовните здравствени работници“, наведоа тие.
Според нивните изјави, секој живот е важен, а особено животот на Дијана Хрка, „во оваа игра на исцрпеност“.
„Ве молиме, слушнете ги студентите по медицина, разбираме дека можеби помалку ни верувате, но слушнете ја паметната иднина на оваа земја“, наведоа тие во соопштението.
Студентите во блокадата на Медицинскиот факултет во Белград синоќа апелираа до Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад.

