
На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче се осврна и на останатите области во државата, во кои под водство на ВМРО-ДПМНЕ нема никаков напредок. Тој оцени дека наместо владата да отвори дебата и да се соочи со реалните проблеми, таа се занимава со СДСМ.
„Државата тоне во секој поглед и на ДПМНЕ како неодговорна власт, не и останува апсолутно ништо друго, освен да се занимава со СДСМ. Но, тоа е веќе прочитана стратегија поради којашто само ќе продолжат да тонат”, порача Филипче.
Според Филипче, ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ е бегство од реалните проблеми и обид за спинување на реалноста.
„Ова власт не се занимава со ништо друго, туку само со СДСМ. Секојдневните, би ги нарекол трачарски прес-конференции од Белата палата се очаен крик да се сврти вниманието од реалните проблеми, од корупцијата, од економскиот пустош, од неспособноста на владата да се испорача на ниту едно поле”, истакна Филипче.
Тој оддаде дека не само што владата нема решенија, туку не покажува никаква подготвеност за дијалог и за подобрување на состојбата во која се наоѓа државата и на стандардот на граѓаните.
„Во време кога сме соочени со влада којашто очигледно не сака ниту да дебатира за проблемите, којашто е сведена на лажен пи-ар на изјави преку кои работите се спинуваат и не се кажува како владата барем ќе се обиде да ги коригира овие поразителни параметри во економијата, дали воопшто размислува да најде решение на овие луѓе коишто се директно загрозени, коишто има загрозена егзистенцијата”, праша Филипче.

