Skip to main content
Балкан

Дијана Хрка одбила лекарски преглед, нејзината состојба се влошува по 11 дена штрајк со глад

12/11/2025  14:37

Дијана Хрка, мајката на младиот човек кој настрада при уривањето на настрешницата во Нови Сад, која веќе 11 дена штрајкува со глад пред српскиот Парламент барајќи одговорност за трагедијата во Нови Сад, е поддржана од студенти и граѓани, а сега организирано доаѓаат и универзитетски професори. Неколку стотици луѓе се околу нејзиниот шатор. Хрка ќе се обрати на јавноста денес во 16 часот.

Денеска вознемиреност и недоразбирање се проширија пред српскиот парламент кога Дијана Хрка, го одби медицинскиот преглед на екипата што ненадејно пристигнала. Лекарите рекле дека добиле повик од граѓанин и дека дошле на службен повик, но воените ветерани кои се со неа тврдат дека никој од нив не повикал брза помош, објави Н1.

Медицинскиот тим се обидел да ѝ пристапи на Хрка околу 12:30 часот, но им било одбиено барањето да влезе во шаторот. На снимките од српските медиуми денеска може да се види дека Хрка е во количка и дека состојбата ѝ е видно влошена.

Еден од ветераните за Н1 изјавил дека „таа е свесна, уморна и исцрпена, но не е во животна опасност“ и дека повикот „не дошол од нив“.

Меѓутоа, некои медиуми јавуваат дека лекар сè уште се наоѓа кај неа и дека се чекаат официјални информации за нејзината здравствена состојба.

Таа вчера потврди дека се чувствува слабо и порача дека не се откажува од штрајкот со глад што го почна на 2 ноември.