Skip to main content
Македонија

Муцунски и потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт де Гроот, потпишаа договор за отворање на Претставништво на ЕИБ во Скопје

12/11/2025  12:34

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, придружуван од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска се сретна и потпиша договор со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Гроот, кој е во работна посета на нашата земја. Договорот претставува важна пресвртница во зајакнувањето на поддршката за економскиот раст и интеграцијата на земјата во Европската унија.

Од независноста до денес, ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги. Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и поголем пристап до техничка и финансиска поддршка што ја нудат европските институции.

„Од денес, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – поддржувајќи ги во реализацијата на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија – отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата – забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција и усвојување на европските успешни практики и стандарди,” изјави министерот Муцунски по средбата.

„Овој договор го зајакнува нашето партнерство и ги потврдува заедничките цели – поддршка на патот на Северна Македонија кон интеграција во Европската унија, подобрена регионална поврзаност и зелена транзиција,” изјави потпретседателот де Гроот на церемонијата на потпишување во Скопје. „Одржливите инвестиции се од витално значење за градење отпорна економија, подготвена за иднината, која може да се натпреварува во рамките на ЕУ и глобално,” додаде тој.

„Како кредиторски огранок на Европската унија, ЕИБ игра клучна улога во претворањето на европската посветеност кон интеграцијата на Северна Македонија во конкретни проекти,” изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михаил Рокас. „Заедно, во рамките на пристапот „Тим Европа”, инвестираме во трансформацијата на земјата – поддржувајќи одржлив и инклузивен раст, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за сите граѓани,” истакна тој.