
Земјотрес со јачина од 5,7 степени по Рихтер утрово околу 10:30 часот по македонско време ја погоди територијата на Кипар. Според податоците, епицентарот бил во областа Пафос, на длабочина од 17 километри.
Силниот потрес предизвика одрони во селото Полеми, а мештаните сведочат дека сцените биле драматични.
„Скали и камења се лизгаа по ридот“, изјавиле жителите, додавајќи дека цели куќи се треселе и дека паниката била голема.
„Целата куќа се тресеше, беше страшно“, раскажува една жителка на Полеми. И во околни села ситуацијата не била поразлична — граѓаните велат дека предмети паѓале од полиците, а лустери се нишале низ домовите.
„Подот во спалната почна да се тресе како нешто да ќе пробие оддолу. Потоа погледнав кон кујната и видов дека сè се тресе и паѓа“, сведочи друг жител.
Земјотресот бил почувствуван на повеќе места низ островот, вклучувајќи го и Лимасол, каде што граѓаните велат дека потресот бил силен и траел неколку секунди.
„Лустерите трепереа, мебелот се тресеше. Ние сме на првиот кат и никогаш не сме доживеале вакво нешто“, напишаа жители на платформата EMSC.
Според првичните информации, нема податоци за жртви или сериозни оштетувања, но ситуацијата внимателно се следи од локалните власти и се вршат проценки на теренот.

