
Дојдено е време кога мора искрено да си кажеме: не е важно кој ќе биде на чело на СДСМ, кој ќе ја има функцијата или титулата, пишува на социјалните мрежи екс градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.
Во својата објава на социјалните мрежи, Христоски наведува дека во СДСМ се потребни вистински, суштински и темелни промени.
„Нашиот вистински предизвик не е кадровски мора сите да си признаеме, туку тој е демографски, вредносен и идентитетски. Во последните години, како општество, но особено како партија, се соочуваме со сериозен проблем: стареење на гласачкото тело, стареење на населението, иселување на младите, работоспособните, губење на врската со народот и намалување на довербата. Онаа човечка блискост, која некогаш беше заштитен знак на СДСМ – се губи. А токму таа блискост беше нашата најголема сила. Затоа, времето е за вистинска внатрешна промена, не треба да биде козметичка, туку суштинска и темелна. СДСМ мора повторно да стане движење на идеи и вредности, не организација на функции и позиции. Партија што ја враќа вербата кај граѓаните – дека работи за нив, а не за себе“ пишува тој.
Христоски дополнува дека сето ова не е борба за фотелји, туку борба за душата на партијата и иднината на државата и повикува на обединување и окрупнување на опозицискиот блок.
„СДСМ мора повторно да биде едно, да обединува, да води, да носи издржани, основани решенија на проблемите. Да знаеме дека секој член, секој симпатизер, секој активист е подеднакво важен – затоа што само заедно можеме да изградиме едно општество за сите.
Ни треба нова енергија, нова визија и нова стратегија, но заснована на старите, чесни вредности – еднаквост, солидарност, правда и труд. Секој е потребен, од младинец до ветеран! Секој поединец, група или здружение на граѓани, секој експерт, но и проширување и окрупнување на опозицискиот критички блок, кој ќе им дише секојдневно во вратот на денешната апсолутна власт на ДПМНЕ“ пишува Христоски.

