Skip to main content
Балкан

Пожар во дом за стари лица во Тузла – девет загинати, повеќемина повредени

04/11/2025  23:34

Вечерва тешка трагедија ја потресе Босна и Херцеговина, откако најмалку девет лица ги загубија животите во катастрофален пожар што избувна во дом за пензионери во Тузла, пренесува порталот „Аваз“.

Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот кантон потврди дека сите расположиви екипи на противпожарната служба, полицијата и итната помош се испратени на местото на несреќата. Пожарот бил пријавен околу 22 часот, а според првичните информации, огнот брзо се проширил низ објектот во кој престојувале постари лица со ограничена подвижност.

Пожарникарите сè уште го гаснат пожарот, а спасувачките екипи се обидуваат да ги евакуираат останатите лица кои можеби се затекнале во зградата. Според податоците од полицијата, најмалку петмина се пренесени во болница со сериозни изгореници и симптоми на труење од чад.

Причината за избувнувањето на пожарот засега не е позната. Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните да не се приближуваат до областа, за да им овозможат непречено движење на возилата на итната помош и на противпожарните екипи кои работат на терен.

Ова е една од најтешките трагедии во последните години во Тузланскиот кантон, а властите најавија дека веднаш по изгаснувањето на пожарот ќе започне истрага за утврдување на причините и можните пропусти во безбедносните процедури на домот.