Skip to main content
Спорт

Рељиќ со победа над Бразил и нефер пораз од Кина на Светско првенство Г-14

30/10/2025  09:24

Македонската таеквондо натпреварувачка Милијана Релиќ извојува извонредна победа над натпреварувачката од Бразил и доживеа пораз од домашната претставничка во тесна борба на Светското првенство Г-14 во Вукси, Кина.

Според нејзиниот тренер, Александар Ефтимов, поразот е резултат на нефер судско влијание.

Во првото коло Мила беше слободна поради добрата ранг позиција и ја чекаше победничка меѓу претставничките од Бразил и Габон. Во второто коло, Мила во извонредна борба, ја совлада Селидиене Карнеиро, претставничка од Бразил со 2:0 во рунди (6:4 и 6:5). Иако во втората рунда Мила губеше 3:5, сепак на помалку од една секунда пред крај на натпреварот, успеа да ја удри противничката во глава и освои 3 поени. Со оваа, таа направи целосен пресврт 6:5 со тоа и ја победи бразилката.

Претставничките на Бразил изразуваат силни спортски резултати што покажува и фактот дека во -57 кг и во -67 кг освоија златен и сребрен медал, објаснува Ефтимов. Македонија ја победи нивната претставничка во категоријата -62, каде Мила во рундата се здоби со сериозна повреда на бутниот мускул.

„Мила едвај можеше да се движи, но за среќа имавме 3 часа пауза малку да се опорави. До последен момент беше прашање дали може да влезе во борба со кинескињата Ксимин Чен. Сепак, собравме сили и мотивација, направивме тактика само со лева нога и со боксови да успееме да победиме. Со десната нога речиси не можеше ниту да удри. Во таа борба,  првата рунда беше нерешено, но судиите не дадоа ниту еден поен со удар со рака во серија од дури 6 чисти удари. Овие поени ги даваат страничните судии, не ги регистрира електронскиот систем. Тогаш, првата рунда при нерешен резултат судиите и ја дадоа на домашната претставничка”, вели Ефтимов.

Во втората рунда, Мила загуби тесно со 3:4 и повторно не добивме поени со удар со рака, иако имавме 3 удари. Кинескињата подоцна го освои бронзениот медал.

„Да не се здобиевме со силната повреда против Бразил, ќе имавме многу подоминантна борба против Кина и сигурно ќе стигневме до медал. Мила заврши на високата 9-та позиција со нови 21.17 поени за олимписката ранг листа за квалификации за Летните Олимписки Игри Лос Анџелес 2028. Со овие поени Мила треба да се најде во првите 20-тина натпреварувачки на Олимписката ранг листа. Целта е да остане во првите 32 натпреварувачки до јуни 2026 и да може да се натпреварува на четирите Гранд При Г-6 турнири кои носат многу поени за Лос Анџелес 2028″, поентира Ефтимов.