Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Скопјани се дават во отпад, започнуваме акција за спас на градот

22/10/2025  16:09

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за иден градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денеска бил одржан состанок со сите скопски градоначалници во рамки на ЗЕЛС, со една единствена цел, да се изнајде решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена”.

Денес, на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, одржавме состанок со сите скопски градоначалници во рамки на ЗЕЛС, со една единствена цел – да изнајдеме решенија за нефункционалноста на ЈП ,,Комунална хигиена”.

Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија.

Иако неколку пати интервениравме во изминатите години, тоа беа само привремени, секундарни интервенции бидејќи општините немаат сопствена механизација, ниту пак ингеренции да ги празнат контењерите.

Во изминативе неколку дена сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидуваме да го амортизираме хаосот што го зафати градот.

Денес разговараме не само за тоа како да делуваме во наредните неколку дена до крајот на изборите, туку како трајно да го решиме проблемот со хигиената во Скопје.

Доколку има потреба, ќе побараме поддршка и од нашите колеги надвор од градот Скопје, со цел заеднички да придонесеме за расчистување на овој метеж.

Апелирам до раководството на ,,Дрисла” да покажат разбирање и да не вршат опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици.

Нашите сограѓани редовно си ги плаќаат сметките но за жал, услугата од градското претпријатие не ја добиваат.

Затоа ќе дадеме сѐ од себе во наредните денови, а како што ветив – во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, конечно ќе го исчистиме Скопје и ќе ставиме крај на оваа агонија, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.