Skip to main content
Македонија

Единицата за економски криминал истражува зошто Скопје тоне во отпад

22/10/2025  15:50

И денес ѓубрето во Град Скопје не е собрано. Отпадот се фрла околу преполнетите контејнери, кои веќе два дена не се празнат, создавајќи сериозен хигиенски и еколошки проблем во главниот град.

Во меѓувреме, Единицата за економски криминал при СВР Скопје влезе во просториите на Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена“, по налог на Јавното обвинителство Скопје, со цел прибирање на докази за наводни неправилности во работењето на претпријатието.

„Единицата за економски криминал при СВР Скопје влезе вчера во просториите на Град Скопје и во Јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’, по налог на Јавното обвинителство Скопје, со цел прибирање на докази и запленување на соодветната документација за сомнежи за извршени кривични дела поврзани со работењето на Јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’ и градоначалничката на Град Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад. Документацијата е обезбедена и се преземаат дополнителни мерки и активности согласно насоките на Јавното обвинителство Скопје“, изјави Гоце Андреев од МВР.

Во одговор на случувањата, градоначалничката на заминување, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук се обрати до премиерот, обвинувајќи ја владата за намерно создавање хаос со отпадот:
„Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со твоите кадри вие го креирате и континуирано правите хаос, кој, бидејќи сте ‘способни’, ќе го ‘решите’ за 72 часа. Да заклучиме – штом се средува за 72 часа, било лесно да се реши, не знам што чекавте до сега. Многупати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш“, напиша Арсовска.

Од друга страна, новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, преку соопштение изјави дека за хаосот со ѓубрето во Скопје треба да понесат одговорност ДУИ, Данела Арсовска и Левица.

Скопјани, пак, и натаму живеат меѓу преполни контејнери и непријатен мирис, додека институциите меѓусебно си ја префрлаат вината за кризата со отпадот.