Skip to main content
Економија

Во логистика и шпедиција има и многу работа и многу пари

17/10/2025  10:22

Секторот други помошни дејности во транспортот ги поврзува производството, трговијата и извозот, обезбедувајќи непречен проток на стоки низ земјава и надвор од границите. Директната вклученост на шпедиции, логистички компании и транспортни посредници ја градат мрежата преку која функционира целиот тој систем, се наведува во анализата на Бизнислидер

Во оваа категорија дејствуваат повеќе компании, од кои меѓу бизнис-лидерите се вброени дваесетина што се издвојуваат и според највисоки финансиски резултати и по обемот на работа согледан преку ангажираноста на човечки потенцијал. Десетте најприходни компании лани оствариле вкупен обрт од 126,4 милиони евраНајпрофитабилните десет имаат заедничка добивка од 3,2 милиони евра. За десетте најголеми работодавачи минатата година работеле 741 лице. Тоа е општата слика за состојбите во помошните дејности во транспортот што произлегува од податоците од Бизнис Мрежа.

ФЕРШПЕД ДОМИНИРА СО ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ПРОМЕТОТ

Компанијата со повеќедецениско искуство нема конкуренција во својот домен на дејствување. Над 60 насто од вкупниот приход е остварен преку деловните активности на Фершпед. Во апсолутен износ, тоа се 76,7 милиони евра. Друштвото за меѓународна и внатрешна шпедиција со јавни и царински складишта е убедливо пред другите во оваа конкуренција и според добивката и по екипираноста на тимот. За приходот, како и за добивката од 1,8 милиони евра, заслуга имаат 270-те вработени.

Деветте компании што се на листата ТОП 10 имаат приходи од безмалку 50 милиони евра. Унико Роза од Гевгелија ја завршила 2024 година со 19 милиони евра приход, а Ивал од Скопје со 8,4 милиони евра.

Во првата петорка се и Медкарго Интернешнал Форвардинг енд Логистикс и Интереуропа Скопје, кои имаат речиси идентични приходи, кои се заокружуваат на по 4,6 милиони евра. Разликата меѓу нивните остварувања е двесетина илјади евра.

Приходите на следните пет компании се движат од 1,9 милиони (С5 Логистик) до 3,9 милиони евра (Скопјешпед).

ФЕРШПЕД ОСТВАРИЛ И ПОЛОВИНА ОД ЗАЕДНИЧКИОТ ПРОФИТ

Милионска добивка има само Фершпед, а другите се бројат во илјадници евра. Следните девет компании имаат заеднички профит од 1,4 милиони евра.

Второрангиран на профитната листа е ЈЦС Бард Логистик со 297 илјади евра. Уште две компании имаат добивка повисока од 200 илјади евра – Викторија Шпед (238,5 илјади евра) и Макошпед (204,4 илјади евра). Износите што се над 100 илјади евра почнуваат со Медкарго Интернешнал (148,4 илјади евра). Инаку, само првите пет компании оствариле над 80 насто од вкупната добивка во оваа категорија.

ЛОГИСТИКАТА  ЗНАЧАЕН РАБОТОДАВАЧ

Стотици вработени, освен Фершпед, има и во подружницата на Виз Ер Унгарија со седиште во Мралино. Платата таму ја заработуваат 212 вработени. Овие две компании заедно обезбедуваат повеќе од две третини од вработеноста кај водечките десет компании во дејноста.

Листата продолжува со Викторија Шпед, која функционира со 41 лице, Интереуропа Скопје со 37 и Дел Кредере од Куманово со 36 вработени. Всушност, работата во компаниите ја вршат тимови од 26 до 36 лица, што веројатно соодветствува со големината на преземените обврски.

Секторот претставува витален дел од економската инфраструктура. Обезбедува логистичка поддршка на индустријата, трговијата и извозот, но и континуирани девизни приливи. Има и работа и пари во помошните транспортни дејности.