
Еднодневен општ штрајк во организација на трите главни белгиски синдикати, денеска се одржува во Белгија, јавуваат тамошните медиуми.
Според информациите, целта на овој штрајк е да се изрази противење на мерките на Владата поврзани со работничките права и реформите во пензискиот систем.
“Обединетиот синдикален фронт”, кој го сочинуваат Конфедерацијата на христијански синдикати (АЦВ/ЦСЦ), Генералната федерација на трудот на Белгија (АБВВ/ФГТБ) и Генералната конфедерација на либерални синдикати на Белгија (АЦЛВБ/ВГСЛБ), нагласува дека штрајкот е организиран заради социо-економски барања, а пред сè за “квалитетни и сигурни работни места и фер пензии”.
Главната причина за незадоволството на трите синдикати се владините пензиски реформи кои предвидуваат зголемување на старосната граница за пензионирање, продолжување на флексибилното работно време и намалување на надоместоците за ноќна работа.
Во склоп на штрајкот, планирано е одржување на “национален марш” во Брисел против владините мерки, на кој организаторите очекуваат присуство до 100.000 луѓе.
Протестниот марш ќе започне пред бриселската железничка станица “Север”, каде се предвидени говори од претставници на синдикатите и невладини организации. Потоа, демонстрантите ќе се упатат кон станицата “Југ”, движејќи се низ централното градско подрачје на Брисел.
Со цел да се овозможи учество на сите заинтересирани во протестниот марш, државната железница ќе воведе дополнителни 12 возови на линиите кон Брисел во утринските и од белгиската престолнина во попладневните часови. Во исто време, редовниот железнички сообраќај ќе биде значително намален.
Штрајкот ќе предизвика сериозни нарушувања во јавниот превоз низ цела Белгија. Се очекува да сообраќаат помалку од половина од автобусите и трамваите, поради што бриселското јавно сообраќајно претпријатие апелираше до граѓаните да планираат “алтернативен превоз”.
Поради штрајкот, сите полетувања од бриселските аеродроми Зевентем и Шарлероа се откажани за денес, а аеродромот во Лиеж ќе биде целосно затворен за сообраќај.