Skip to main content
Скопје

Шукова: Зелен кеј, модерни вело рути и безбедни јавни простори конкретни проекти за Ѓорче Петров

13/10/2025  14:59

Кејот во Ѓорче Петров, требаше да биде симбол на урбано зеленило и активен живот, истакна Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје, порачувајќи дека жителите на Ѓорче Петров заслужуваат многу повеќе од кал, трње и лажни ветувања.

„Се сеќавате што ветија? Зелен спортски кеј, 40 километри вело и еко коридори. А што добија жителите, ниту спорт, ниту зеленило, само запуштен простор и уште едно разочарување. Ѓорче Петров е оставена општина, како да не е дел од Скопје”, истакна Шукова во изјава за медиумите.

Таа го посочи конкретниот потег од Влае до Хром, долг само еден ипол километар, како вистинска слика за неработењето и игнорирањето на основните потреби на граѓаните од страна на ВМРО ДПМНЕ. Според неа, тоа не е само урбанистички, туку и политички пропуст, симбол на нефункционален град.

„Ако некој не знае да поврзе само еден километар ипол, како очекувате да поврзе град, идеи и луѓе?”, праша Шукова.

Шукова најави проект за целосно уредување на овој простор. Планирана е современа, безбедна и зелена пешачко-велосипедска патека која ќе стане дел од континуирана, урбана врска помеѓу Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром и Гази Баба, вистинска зелена оска низ срцето на градот.

Во фокусот е создавање на простор којшто не служи само за транзит, туку за живот. Решенијата опфаќаат уредено корито, ново зеленило, јавни простори достапни за сите генерации и нов урбан пулс којшто ја враќа довербата на граѓаните во можноста за уреден, функционален и здрав град.

Шукова најави дека Ѓорче Петров нема да биде третирано како периферија, туку како точка од која започнува вистинското поврзување.

„Имаме план, имаме решение, знаеме како. Нема повеќе празни ветувања ова е почетокот на ново, поврзано, зелено и живо Скопје”, истакна Шукова.