
Експертите тврдат, дека според Законот за фитофармација се вршат редовни и вонредни надзори во делот на увозот, дистрибуцијата и употребата на пестицидите. Неговата продажба кај нас е забранета повеќе од 10 години
Опасниот и забранет пестицид метомил, кој наводно беше откриен во црвените пиперки (ајварки) во Хрватска, се задржува до 7 дена во тутунот, 14 дена во хмељот, пиперките, доматите и краставиците, а дури 35 дена во овошјето и лозата, и до 42 дена во пченката и шеќерната репка, брифираат агроексперти за „Слободен печат“.
По прскањето со овој пестицид, лицата што работеле со него треба да бидат отсутни од работа најмалку два дена, а на добитокот не смее да му се дозволи пристап до третираните површини најмалку две недели по прскањето. Најстрого се забранува да се нанесува во заштитено подрачје (стакленици и оранжерии) и на површини што се користат за собирање вода за пиење. Експертите тврдат дека според Законот за фитофармација се вршат редовни и вонредни надзори во делот на увозот, дистрибуцијата и употребата на пестицидите. Неговата продажба кај нас е забранета повеќе од 10 години.
– Производите што содржат „метомил“ се забранети за увоз, продажба и употреба, а доколку се затекнат вакви производи во земјоделските аптеки, се вршат контроли кај индивидуалните производители за видот на фитофармацевските производи што ги користат, како и начинот на апликација, за што секој производител во согласност со законските прописи е должен да води соодветна евиденција – велат од Државниот инспекторат за земјоделство за МРТ.
Инаку, во тек е заедничка контрола на ДИЗ и на Агенцијата за храна кај извозникот на пиперките кај кои бил откриен опасниот пестицид. Агрономот Ристо Велков за нашиот весник додава дека затаила контролата, која мора да биде поактивна и почеста за да се спречат ваквите злоупотреби. Сепак, тој е зачуден како една земја што е членка на ЕУ, како што е Хрватска, не направила фито-контрола на границата и зошто се чекало толку време да се објават резултатите.
– Опасниот пестицид „метомил“ е откриен во 15 тони свежа црвена пиперка извезена од земјава во Хрватска. Пратката што стигнала на 9 септември не била запрена од граничната контрола и бил дозволен влез во земјата. По две недели откако бил земен примерок од малопродажната мрежа, утврдено било петпати поголемо присуството на пестицидот од дозволеното. Пиперките не се вратени во Македонија, нема информации дали се повлечени од продажба или уништени во Хрватска. Извозникот има извршено повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во црвена пиперка од почетокот на берба на годинешната реколта при извоз и продажба, и тоа во акредитирани лаборатории во земјава и во други држави и до овој момент нема добиено резултати за зголемено количество на резидуим од фитофармацевски производи или присуство на недозволени фитофармацевтски производи – информира Државниот инспекторат за земјоделство.
Ни мирис, ни вкус
Целиот текст прочитајте го на Слободен печат со клик ТУКА.