
Проблемите со патиштата, депонијата и безбедноста во Визбегово ќе бидат решени, СДСМ има јасна програма и план за овој дел од Скопје, порача денеска претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по работниот состанок со Комората на Северозападна Македонија.
„Во Визбегово секојдневно се движат околу 8.000 луѓе, а состојбата е сериозно загрозена. Има нефункционални патишта, проблеми со отпад и депонии, недостиг од безбедносни мерки. Тие проблеми мора да се решат и ќе се решат. Ние имаме конкретни решенија и визија како тоа да го направиме,” изјави Филипче.
Тој посочи дека целта на состанокот со Комората била да се презентира програмата на СДСМ за Скопје и за општините кои се директно поврзани со стопанството, како и да се слушнат предлозите на бизнис заедницата.
„Сметам дека ова е единствениот начин на кој треба да се функционира, политиката да биде алатка што ќе им служи на граѓаните и на бизнисите. Со ваквите состаноци докажуваме дека сме инклузивни, дека ги слушаме предлозите на сите чинители и дека нашите решенија се темелат на реалните проблеми со кои се соочуваат луѓето секојдневно,” рече претседателот Филипче.
Тој нагласи дека во изминатите четири години, градот Скопје и јавните претпријатија под водство на ВМРО-ДПМНЕ покажале целосна незаинтересираност и неспособност да обезбедат услови за нормално функционирање на индустриските зони.
„Ги слушнавме предлозите од компаниите во Визбегово и ќе ги вклучиме во нашата програма. Само преку вистинска соработка меѓу институциите, граѓаните и стопанството можеме да го вратиме Скопје на вистинскиот пат, град што работи, се развива и им служи на сите,” порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.