Skip to main content
Македонија

ТОШКОВСКИ: Осум години уништување на државата и страв од одговорност за истото, не се бришат со папагалско повторување на зборот “оставка“

07/10/2025  21:09

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил реагира на најновиот бран неосновани и политички мотивирани напади од страна на СДСМ, оценувајќи ги како обид да се прикрие очајот и стравот од одговорност поради осумгодишното уништување на системот и институциите.

Во својата реакција, министерот посочува дека истите лица кои со години ја рушеа државата, денес се обидуваат да ја избришат сопствената одговорност со постојано папагалско повторување на зборот „оставка”, и тоа без ниту еден аргумент.

Во продолжение следува интегралниот текст од реакцијата на министерот Тошковски:

Во последните денови сме сведоци на уште еден бран од очајни, неосновани и политички мотивирани напади од СДСМ кон мене. Искрено, разбирам дека очајот е огромен кога секоја нова анкета им ја топи поддршката побрзо отколку што тие успеваат да измислат нова лага, но оваа хистерија што ја гледаме не е политичка дебата, туку очај маскиран во соопштени

Помина повеќе од една година во која секојдневно активност на прес-центарот на СДСМ не е ништо друго освен папагалско повторување на зборовите: „Оставка за Тошковски!”. Секој ден, истата реченица, иста интонација. Изгледа како да добиле упатство без разлика која е темата, одговорот мора да биде „оставка”. Еден ден тоа е безбедноста, друг ден животната средина, третиот парното во зграда. Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје. Кај нив, секоја тема е добра, само ако може да се спакува во зборот „оставка”. Таквите небулози само покажуваат колку е изгубена партијата што нема аргументи, па се обидува да произведе скандал од секој еден случај. Истата матрица ја гледаме и во обидите да се прикаже дека припадници на МВР воделе партиски состаноци по месни комитети. Тоа не е загриженост за институцијата, тоа е страв од институција што конечно не им е под команда. Кога не можат да најдат реален пропуст го измислуваат. А кога ќе се појави вистински настан, како денешниот инцидент со пукање во Куманово, веднаш го претвораат во нова доза на политичка хистерија. Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика.

И додека тие глумат загриженост, реалноста е сосема поинаква. Очигледно е дека многу нешта им пречат, особено тоа што конечно институциите работат, а правдата им тропа на врата. Па во оваа прилика би сакал јавно да ги прашам:

– Толку ли многу ви смета што покренавме кривични постапки против корумпирани судии и обвинители?

– Толку ли многу ви смета што расчистивме 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства, токму додека министер за внатрешни работи беше човек од СДСМ?

– Толку ли многу ви смета што уапсивме членови на терористички ќелии?

– Толку ли многу ви смета што поднесовме кривични пријави против поранешен министер за култура, поранешен директор на ЕСМ, поранешен директор на затвор, поранешни градоначалници, корумпирани директори на здравствени и други државни институции кои сметаа дека и оваа власт ќе продолжи исто како вас да го поддржува, а не да се бори со криминалот и корупцијата?

Очигледно е дека не ви пречи начинот на кој работам, туку резултатите од таа работа, бидејќи конечно после вас, МВР не е алатка за остварување на теснопартиски и бизнис интереси на поединци поврзани со власта, туку инструмент за спроведување на законот.

И токму затоа, не ме чуди што повторно се координирате во нападите. Јас сум првиот министер во историјата на Македонија кој за една година преживеал две интерпелации – една од Левица и една од ДУИ. Очигледно, единственото што недостига за да ја заокружите оваа „необична коалиција” е СДСМ да се приклучи со своја трета интерпелација. Па така после година и пол постојани барања за оставка, би било политички коректно конечно сите заедно да застанете на иста страна, барем во очајот и да поднесете и трета интерпелација која ќе биде уште една шанса да ги спротивставиме вашите осум години хаос и уништување на системот со нашите година и половина мерливи резултати.

Јас нема да си поднесам оставка, напротив додека вие се занимавате со спинови и конструкции, ќе продолжам со решавање на проблеми и расчистување со нередот кој го оставивте. За вас политиката е шоу, за нас е одговорност. А тоа, почитувани, е разликата помеѓу власт што руши и генерација што гради. За десетина дена, на локалните избори, ќе го видите резултатот од вашето најгласно „оставка”. Тоа ќе биде моментот кога зборовите ќе се судрат со делата и граѓаните ќе кажат кој работел, а кој само ширел паника и хистерија.