
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во објава на „Фејсбук“ зборува за значењето на државотворноста како темелна вредност на секое општество.
„Државотворноста е способноста на еден народ да создава, одржува и развива легитимни, функционални и одговорни институции кои ги штитат интересите на граѓаните, ги поттикнуваат културните и моралните вредности и обезбедуваат просперитет и правда за сегашните и идните генерации,“ пишува Миноски.
Тој потсетува дека државотворноста на македонскиот народ е втемелена со АСНОМ – историски чин кој ја изразува вековната борба за слобода и создавање праведна држава. Според него, современата државотворност бара лидерство што ги става колективните и државните интереси над личните, а не власт преокупирана со „трупање и изнесување богатство“.
Миноски ја нагласува потребата од промовирање на трудот, знаењето и чесноста како вистински вредности врз кои може да се изгради праведно и успешно општество.
„Општествата што ја прифаќаат корупцијата и криминалот како нормалност се осудени на пропаст,“ додава тој, цитирајќи ја и мислата на Џорџ Орвел дека „народот што избира корумпирани политичари, измамници и предавници не е жртва – туку соучесник“.
„Државотворноста не се брани со зборови и симболи, туку со дела – со работа, интегритет и чувство на заедничка одговорност кон иднината,“ заклучува Миноски.