Skip to main content
Скопје

Османи најави бесплатни и субвенционирани прегледи за рана детекција на рак на дојка за жените од Чаир

04/10/2025  19:38

Во месецот посветен на женското здравје, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, најави конкретни мерки за поддршка на жените во превенцијата и борбата против ракот на дојка, како и поширока стратегија за родово чувствителни политики во општината.

„Настанот ‘Розов Чаир’ го посветуваме на борбата против ракот на дојка. И ова не е само симболика, туку потсетник дека секоја навремена контрола може да спаси живот”, изјави Османи.

Како лекар, тој нагласи дека раната детекција е клучна, најавувајќи општински програми за бесплатни и субвенционирани превентивни прегледи, како и локални мрежи за поддршка на жените кои се соочуваат со оваа болест.

„Чаир ќе обезбеди бесплатни и субвенционирани превентивни контроли, како и локални програми за поддршка на секоја жена која се соочува со овој предизвик. Ова за мене не е дел од изборна кампања, туку животна обврска. Нема да дозволам ниту една жена од Чаир да остане сама во нејзината битка, било да е таа битка за здравје, за работа или за правда”, потенцираше Османи.

Османи подвлече дека жените се двигателот на општинската промена и дека нивното активно учество е предуслов за функционална, хумана и одговорна локална власт.

„Верувам во партнерство со вас. Верувам дека токму жените ќе ја предводат промената што сите ја очекуваме. Кога жените се вклучени, општината е поорганизирана, поодговорна и похумана”, рече Османи.