Skip to main content
Македонија

По шест месеци во болница, дома е пуштена повредена девојка од пожарот во „Пулс“

30/09/2025  19:40

Осумнаесетгодишната Мелани Тасева од Скопје, една од најтешко повредените жртви во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, по повеќе од 6 месеци болничко лекување, конечно се врати дома, пишува Плусинфо.

Несреќата што се случи на 16 март остави длабоки последици врз младата девојка – животозагрозувачка состојба, бројни изгореници и интоксикација со гасови. Поради сериозноста на повредите, Мелани првично била хоспитализирана во приватната болница „Жан Митрев Клиник“, а потоа префрлена во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград. По третманот таму, се вратила во „Жан Митрев Клиник“, но поради влошување на состојба, во крајно тешка општа состојба на 5 мај била префрлена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за понатамошен третман. Во тешка здравстевна состојба, поминала цели 139 дена, борејќи се и таа и целиот тим во болницата за закрепнување – ден по ден, чекор по чекор.

На 19 септември, по половина година низ болнички ходници, интензивна нега и несебична поддршка од лекарите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и семејството – Мелани се врати дома.

Лекувањето било долготрајно и комплексно, третманот индивидуализиран и динамичен, прилагодуван според состојбата на младата пациентка и нејзиниот одговор на терапијата. Кризите биле многубројни и често непредвидливи. Секој ден во интензивна нега носел ризик од сепса, мултиорганска слабост, тешки метаболни нарушувања и респираторни компликации. На моменти исходот бил неизвесен, а секоја интервенција, секоја терапија и секое ноќно дежурство биле критични за спасување на животот.

Прим. д-р мед. науки Бети Костадиновска-Јорданоска, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување во „Аџибадем Систина“, вели дека токму овие моменти покажуваат колку е важна брзата реакција, искуството и тимската координација во медицината.

– Овие состојби се меѓу најтешките во медицината. Тие бараат долготраен, комплексен и постојано адаптиран третман со висок ризик по животот на пациентот. Прогнозата често е неизвесна и зависи од голем број фактори – површина и степен на изгорениците, инхалациска повреда, возраст, општа здравствена состојба и одговор на организмот на третманот. Мултидисциплинарниот пристап е од клучно значење за успешен исход. Во тимот беа вклучени лекари од различни специјалности – анестезиолози, кардиохирурзи, кардиолози, пулмолози, пластични и реконструктивни хирурзи, хирурзи од други специјалности, микробиолози, физијатри, нутриционисти, психијатри и психолози, како и средниот медицински персонал: медицински сестри, болничари, физиотерапевти и помошен персонал. Современата технологија, како ECMO терапија, напредни методи за мониторинг и третман на изгореници, значително ја зголемува шансата за преживување и квалитетно закрепнување, но само кога е комбинирана со посветеност на целиот тим. Само со ваква координирана соработка може да се обезбеди целосна и континуирана грижа за пациентот – објаснува д-р Бети Костадиновска-Јорданоска.

Целиот текст на следниот линк