Skip to main content
Магазин

Крушево во престижната група на Топ 100 зелени дестинации во светот

30/09/2025  15:20

На свечената церемонија во Монпелје – Франција, Крушево се стекна со престижното глобално признание Топ 100 Зелени дестинации 2025, влегувајќи во група на светски дестинации кои се препознаени по развојот на одржливиот туризам како главен двигател на локалниот економски развој.

Ваквото признание е резултат на долгогодишнниот, заеднички и посветен пристап на сите чинители – општината, локалните бизниси, здруженија, институции и граѓани, кои работат на развој на туризмот како двигател на локалната економија. Исто така, претставува моќна алатка за меѓународна промоција и маркетинг, стекната во конкуренција со дестинации од 33 земји ширум светот.

Крушево веќе подолго време се позиционира како водечки хаб за авантуристички туризам, со посебен акцент на параглајдерството, каде што природните услови, надморската височина и термалните струи го прават ова место едно од најдобрите во светот. Изминативе неколку години со изградбата на велосипедските патеки по меѓународни страндарди станува и дестинација во подем за планински велосипедизам.  Градот редовно е домаќин на меѓународни натпревари и тренинг кампови, привлекувајќи професионалци и ентузијасти од сите континенти, што дополнително ја зацврстува неговата репутација како одржлива и активна туристичка дестинација.

Зелена дестинација 2025 е доказ дека кога заедницата делува обединето, резултатите се глобално препознаени. Крушево како дестинација покажаа дека одржливиот туризам не е само цел, туку и патека кон економски раст, зачувување на природата и подобрен квалитет на живот. Дополнително, во моментов десетина локални бизниси поминуваат низ процес на исполнување на принципите, воведување на зелени практики и здобивање со сертификатот Good Travel Seal – меѓународно признат знак за квалитет и одржливост во туризмот, наменет за мали и средни туристички бизниси, дестинации и услуги кои се стремат кон одговорно работење.

На конференцијата во Монпелје во фокус беа глобалните трендови во туризмот, каде сè поголем акцент се става на зголемена одржливост, автентичност, локално искуство, климатска отпорност, зелени сертификати и усогласеност со новите еколошки регулативи на ЕУ.

Оваа иницијатива е резултат на континуираната поддршка на Швајцарија во земјата.