Skip to main content
Македонија

Алиу: Клиниката за уво, нос и грло со нова медицинска апаратура со поддршка од турската агенција ТИКА

30/09/2025  14:57

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со заменик претседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, д-р Махмут Чевик и амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој, денеска ја посетија Универзитетската клиника за уво, нос и грло каде со поддршка од ТИКА е обезбедена нова медицинска апаратура.

-Клиниката за уво, нос и грло е зајакната со нови електрохируршки инструменти, односно електрокаутери, со коишто се овозможува попрецизна, поефикасна и побезбедна дисекција на ткива и придонесува кон побрзо закрепнување кај пациентите. Ова е значајно за Клиниката имајќи предвид дека тука се вршат над 2000 интервенции на годишно ниво. Нашата заложба е унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита, а особено на терциерното ниво каде се третираат најкомплексните случаи, рече министерот Алиу.

Директорот на Универзитетската клиника за уво, нос и грло, д-р Игор Камшикоски упати благодарност до Турската агенција за соработка и координација ТИКА за значајната поддршка во насока на зајакнување на здравствениот систем, стои во соопштението од Министерството за здравство.