Skip to main content
Скопје

Утре во 7:30 – нова блокада кај мостот „Близнак“

28/09/2025  23:58

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ ја најави следната акција – во понеделник, 29 септември 2025 година, во 7:30 часот наутро, на раскрсницата пред мостот Близнак (кај паркот „Авионче“ во Ново Лисиче), ќе одржи прес-конференција заедно со в.д. градоначалникот на општина Аеродром. Од иницијативата се надеваат дека на настанот ќе се приклучат и претставници на останатите институции кои се поканети.

Организаторите информираа дека утрово се обиделе заедно со градоначалникот да ја посетат депонијата Вардариште, но не им било дозволено да направат увид бидејќи немале соодветна дозвола, иако полицијата обезбедува дел од просторот. Притоа изразија разочараност од отсуството на институционална координација и порачаа дека партиските разлики не смеат да бидат пречка за решавање на проблемот со Вардариште.

Иницијативата нагласува дека депонијата е без ограда, со присуство на отпад и со недоволно обезбедување, а на поканата за заедничка посета не одговориле ниту институциите ниту медиумите. Затоа, „Стоп за Вардариште“ ги повикува надлежните органи – општините Аеродром и Гази Баба, Град Скопје, ресорните министерства, претседателката и Владата – да излезат со конкретни и итни мерки пред изборите.

Организаторите повикуваат и граѓаните да се приклучат на протестите, нагласувајќи дека ако нема институционален одговор, блокадите ќе бидат засилени. Редовната блокада продолжува и за време на викендот, во 18:00 часот, на истата локација.

„Стоп за Вардариште! Стоп за дивите депонии и загадувањето на воздухот!“, порачаа од иницијативата.