Skip to main content
Хроника

Закани преку телефон и апликации за пари: приведен скопјанец пред Онкологија, фатен како сака да земе изнудени пари

28/09/2025  09:41

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 37-годишен осомничен, за кој постои основано сомнение дека извршил кривично дело „Изнуда“ од член 258 став 1 од Кривичниот законик.

Во изминатите два месеца, осомничениот телефонски и преку пораки на различни апликации упатувал сериозни закани кон жена која живее во странство, како и кон нејзината мајка и брат. Од оштетената барал да му исплати 15.000 евра, а ѝ дал рок до 26 септември.

Под закана, оштетената на 17 септември му испратила 500 евра преку „Вестерн унион“, а за дополнителни 4.500 евра се договориле исплатата да биде извршена во земјава, пред Клиниката за онкологија.

Кога оштетената пристигнала во Македонија на 25 септември, веднаш случајот го пријавила во полиција. При преземање на парите, осомничениот бил приведен на лице место.

Имајќи ја предвид опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоците и оштетената, како и ризикот да го повтори делото, јавниот обвинител предложи мерка притвор.