Skip to main content
Скопје

Меџити: Се реконструира улицата „5 Мај“ во Серово, не даваме празни ветувања туку реализираме конкретни инвестиции

27/09/2025  17:27

Првиот потпретседател на Владата и воедно кандидат на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити денеска ги следеше работните активности во улицата “5 Мај“ во населбата Серово.

“Денеска сум овде, на улицата „5 Мај“ во населбата Серово, за да ги следиме работните активности  за еден толку значаен проект кој е директен одговор на барањата на нашите граѓани”, истакна Меџити.

Тој појасни дека со целосната реконструкција на оваа улица, од крстосницата со улицата “ЛПК“ до паркингот кај комплексот „Чаирчанка“, се презема конкретен чекор кон урбан развој и создавање подобри услови за живот на жителите.

“Вредноста на овој проект е околу 5 милиони денари и истиот е финансиран од Владата. Оваа улица е од особено значење бидејќи се наоѓа во непосредна близина на комплексот “Чаирчанка”, кој сè повеќе се развива во интегрирана станбено-деловна зона“, изјави тој.

Меџити најави дека паралелно со реконструкцијата на улицата е подготвен и проект за изградба на катна гаража, со што ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во овој фреквентен дел на Чаир.

“Нашиот пристап е јасен, не даваме празни ветувања, туку реализираме конкретни инвестиции. Секој проект што го започнуваме е доказ за нашата искрена посветеност и за визијата Чаир да се развива како функционална, модерна и организирана општина“, потенцираше Меџити.

Понатаму, тој додаде дека ќе продолжи со работа и транспарентност.

“Ќе продолжиме со работа, транспарентност и постојана грижа, затоа што граѓаните заслужуваат да бидат слушнати и достојно претставени“, истакна Меџити.