
Палачинките се омилен десерт кој лесно се подготвува и секогаш изненадува со својот вкус. Овој основен рецепт е едноставен и практичен, идеален за брз појадок, ужина или лесен десерт. Следете ги чекорите и уживајте во секој залак!
Состојки:
- 2 јајца
- 200 мл млеко
- 200 грама брашно (по потреба)
- прстофат сол
- 200 мл газирана минерална вода
- лажица масло за готвење
Подготовка:
Разматете ги јајцата во длабок сад. Додајте го млекото, брашното и солта. Измешајте ги состојките добро со жица за матење додека не добиете мазна смеса без грутки. Потоа додајте ја газираната вода и повторно добро промешајте.
Смесата треба да биде како јогурт, по потреба додадете брашно или вода.
Загрејте тава за палачинки и премачкајте ја со неколку капки масло. Пред секоја нова палачинка повторно премачкувајте ја тавата со масло. Истурете дел од смесата на средината од тавата и рамномерно распоредете ја во тенок слој.
Печете кратко – додека рабовите не почнат да се одвојуваат од тавата. Потоа, протресете ја тавата неколку пати лево-десно и свртете ја палачинката на другата страна. Печете уште кратко и извадете ја. Повторувајте го процесот додека не ја потрошите целата смеса.
Наредете ги испечените палачинки една врз друга на чинија. Послужете ги со фил по желба – џем, чоколаден крем, ореви, свежо овошје или мед.