
Соопштение за јавност на Левица:
Додека делови од Струга се оставени и по 27 часа без вода, никој не го поставува прашањето како при очигледен недостиг на вода, приватните хидроцентрали во струшкото село Горна Белица непречено работат и остваруваат профит?!
Додека надлежните институции во Струга постојано тврдат дека “изворите се пресушени”, очигледно за работата на овие приватни хидроцентрали постојано има вода. Се работи за хидроцентрали во сопственост на бизнисменот Кочо Анѓушев, кој има приватни и бизнис врски и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2021 година, јавното претпријатие „Водовод Струга” проблемот со недостигот на вода го лоцираше во неконтролираниот испуст на вода за производство на електрична енергија од мини-хидроцентралата кај Горна Белица. Тогаш, директорот Дашмир Насуфи потврди дека компанијата на Анѓушев (која ги води мини-електраните) користи повеќе вода за да произведуваат повеќе енергија, иако истата била “предупредена”.
Левица уште тогаш алармираше дека скандалозно е што компанијата не била санкционирана за нерационалното и неодговорно работење, туку била само предупредена. Оттогаш, нема никакви информации во јавноста дали воопшто се контролира работата на оваа фирма, дали се констатирани пропусти и што е постапено во врска со нив – и најважното, како е можно Стружани со месеци да имаат недостиг на вода, додека хидроцентралите лоцирани во самите извори постојано работат?!
Левица бара одговори: дали поради нечиј профит, на Стружани им е ускратено основното човеково право?!