Skip to main content
Свет

Данска официјално се извини за присилната контрацепција на Гренланд

24/09/2025  15:01

Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна во Нук за да им се извини на жените од Гренланд кои беа жртви на данската кампања за присилна контрацепција на огромниот арктички остров повеќе од три децении.

Ова е „важен момент“ и е поврзан со „темна страница во нашата заедничка историја“, напиша таа на социјалните мрежи по пристигнувањето во Гренланд.

-Ова ќе биде многу важен момент за овие жени, се разбира, но и за општеството како целина, нагласи данската пратеничка Аја Кемниц, која го претставува Гренланд во парламентот. „Ова е втор чекор во процесот на помирување по извинувањето“, додаде таа.

Се очекува церемонијата да започне во 14 часот по локално време.

Кампањата, која започна кон крајот на 1960-тите и траеше до 1992 година, имаше за цел намалување на стапката на наталитет во Гренланд. До крајот на 1970 година, најмалку 4.070 жени, или речиси половина од жените на Гренланд во репродуктивна возраст, биле ставени на спирала, според студија презентирана на почетокот на септември. Постапката најчесто се вршела без претходна согласност, дури и кај малолетници.

Сепак, употребата на оваа контрацепција предизвикала сериозни компликации кај многу жени. Многу од нив станале неплодни.

Кон крајот на август, данската премиерка Мете Фредериксен им се извини на жртвите, одговарајќи на барање што жените го поднесувале неколку години. Во понеделникот, таа објави создавање „фонд за помирување“ за да се обесштетат.

-Ова е многу добра вест бидејќи моите клиенти не се задоволни само со извинување, вели Мадс Праминг, адвокат на околу 150 од жртвите кои ја тужат данската држава за кршење на нивните човекови права и бараат обештетување.

Постојат многу пречки помеѓу Нук и Копенхаген, особено присилните посвојувања или присилното сместување на деца од Гренланд во Данска. Данската влада се обидува да ги смири тензиите во време кога Гренланд е предмет на интерес од САД на Доналд Трамп.

-Надворешниот притисок, особено од САД, ја принудува Данска да ги зголеми своите напори, вели Кемниц.

Премиерката Фредериксен ја прекина традицијата на нејзините претходници, кои тврдеа дека Данска нема причина да се извинува. Централната и гренландската влада се согласија да започнат независна истрага за практиките на контрацепција, чии заклучоци штотуку беа објавени.

Во тек е уште една истрага за правните последици од оваа кампања. Таа треба да утврди дали Данска извршила „геноцид“. Се очекува нејзиниот извештај да биде објавен напролет следната година.