
И Државната изборна комисија (ДИК) и Управниот суд ја одбија кандидатурата на Бехар Емини, кој беше предложен од владејачката коалиција Вреди за градоначалник на Општина Бутел.
Емини преку социјалните мрежи реагираше дека неговата кандидатура е одбиена поради „мало задоцнување“ во доставувањето на документите, а одлуката ја припиша на судии кои, како што рече, биле назначени од претходната власт.
„Со жалење ве известувам дека – против мојата волја и подготвеноста на ВЛЕН да ме номинира – ДИК ја отфрли мојата кандидатура. ДИК одби да ги прифати доставените документи со мало задоцнување, додека Управниот суд – како расадник на судии назначени со претходната власт – само го потврди ставот на ДИК“, напиша Емини.
Сепак, Управниот суд даде поинакво образложение. Во личната карта со која Емини се кандидирал на 15 септември било наведено живеалиште во Општина Чаир, а не во Бутел. Дури по одбивањето на кандидатурата, Емини доставил доказ дека поднел барање за нова лична карта со адреса во Бутел, издадена на 12 септември 2025 година.
Коалицијата Вреди на 16 септември до Општинската изборна комисија Бутел доставила нова лична карта и потврда од казнена и кривична евиденција, тврдејќи дека со нив јасно се гледало дека кандидатот има право да се кандидира.
Но, Управниот суд во својата одлука наведува:
„Тужбата на тужителот Коалиција ВЛЕН – Локални избори 2025, Скопје-Чаир, поднесена преку овластено лице Аднан Азизи, изјавена против Решението на Општинска изборна комисија Бутел бр.11-74/1 од 17.09.2025 година, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА. Решението на Општинска изборна комисија Бутел бр.11-74/1 од 17.09.2025 година, СЕ ПОТВРДУВА.“
Со ова, Емини и официјално останува без право да се кандидира за градоначалник на Бутел на претстојните локални избори.