Skip to main content
Скопје

„Пуцко петрол“ бара јавно извинување за објавено соопштение од Град Скопје

22/09/2025  17:13

Компанијата „Пуцко петрол“ побара јавно извинување од медиумите за објавено соопштение од Град Скопје во кое ја обвинија компанијата дека ја прекинала доставата на нафта за автобусите на ЈПС.

Од компанијата наведуваат дека во конкретниот случај воопшто не е спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП према нивната компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра по фактури стари и над две години.

„Со вашиот објавен текст за компанијата Пуцко Петрол на датум 22.09.2025 година изразуваме загриженост и разочараност, со кој се нарушува угледот, реномето и деловниот интегритет на нашата компанија. Нецелосната и тенденциозна содржина на текстот води кон погрешно информирање на јавноста, што предизвикува директна штета врз нашата репутација и деловни односи.

Затоа што текстот содржи информации кои не ја отсликуваат реалната состојба и можат да доведат до погрешна перцепција за нашата компанија чувствуваме потреба да реагираме и за истиот бараме јавно извинување.

Темелно и објективно информирање е еден важен принцип за секој медиум особено за информација од јавен интерес. Потребно е секогаш да се обезбедат точни и вистинити информации. Во конкретниот случај воопшто не е ниту спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП према нашата компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра по фактури стари и над 2 години што е значаен елемент кој заслужува внимание при секое известување на оваа тема.

Нашата компанија како долгогодишен и одговорен снабдувач, секогаш се води од принципите на транспарентност и професионалност.

Дополнително, сакаме јасно да нагласиме дека секоја институција која ги подмирува своите обврски навремено, без исклучок добива гориво согласно договорените услови. Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи. Со оглед на горенаведеното, бараме од Вас јавно извинување за нанесената штета и нарушениот углед и повлекување на спорниот текст, во согласност со етичките стандарди на новинарството. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни мерки за заштита на нашите права и интереси. Веруваме дека заеднички можеме да придонесеме за точна информираност, и Ви стоиме на располагање за дополнителни информации“, се наведува во реакцијата.