
Во пресрет на локалните избори, 24инфо разговараше со Оливера Ливриниќ, кандидат за градоначалник на Општина Бутел од редовите на СДСМ. Во интервјуто, Ливриниќ ја претставува својата визија за развој на општината, со акцент на зелените политики, подобрување на инфраструктурата и создавање на услови за поквалитетен живот на сите жители. Таа говори за стагнацијата во изминатите четири години, но и за конкретните чекори што планира да ги преземе веднаш по преземањето на функцијата.
24инфо: Често велите дека последните четири години биле изгубени за Бутел. На што конкретно мислите?
Ливриниќ: Кога велам изгубени години, мислам на целосна стагнација на општината. Граѓаните се излажани со многу ветувања кои останаа само на хартија. Ветуваа нова полициска станица и нова противпожарна станица – ниту едната, ниту другата ја нема. Поликлиниката за која Костовски ветуваше дека ќе биде отворена уште првиот ден од мандатот, со остапување на општинската зграда, не само што не е отворена, туку ниту е започната. Средствата за градинката беа обезбедени од Владата на СДСМ преку програмата ТАВ, а таа и денес стои недовршена. Наместо културен подем, на крајот од мандатот добивме само најава дека „ќе“ се градел Културен дом. Ветениот плоштад, пак, никој не го виде, а требаше да никне токму на местото на полициската станица. Списокот е долг – Љубанци и Љуботен и понатаму немаат водовод, надградбата на училиштето „Ацо Шопов“ остана само со четири столба, катни гаражи во Скопје Север и Радишани нема, а коритото на Серава е делумно средено, и тоа само сега – пред избори. Тоа се изгубени години за граѓаните на Бутел.
24инфо: Што сметате дека е најголемото разочарување за граѓаните на Бутел во овој мандат?
Ливриниќ: Најголемото разочарување е чувството дека граѓаните не се почитувани. Ветувањата не се само нерелизирани проекти – тие се показател за игнорантен и несериозен однос кон реалните потреби на луѓето. Кога ќе ветите поликлиника „од првиот ден“ и четири години подоцна таа не е ни започната, тоа е непочитување. Кога ќе обезбедите пари за водовод во Љубанци и Љуботен, а граѓаните и денес носат вода во канистри, тоа е непочитување. Кога ќе ја уредите Серава делумно, а потоа деловите што беа средени ги претворите во дива депонија – тоа е уште едно непочитување. Луѓето се уморни од лаги и стагнација, сакаат чесност и вистинска работа.
24инфо: Зошто решивте да се кандидирате за градоначалничка на Бутел?
Ливриниќ: Решив затоа што не можам повеќе да бидам рамнодушна. Јас сум мајка, жена, професионалец, соседка – и пред сè Бутелчанка која секојдневно го живее проблемот на оваа општина. Гледам како младите си заминуваат, како семејствата се борат со секојдневни тешкотии, а локалната власт останува глува и слепа. Со голема чест и одговорност ја прифатив кандидатурата од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и од Извршниот одбор на партијата. Се кандидирам затоа што верувам дека Бутел може многу повеќе и затоа што верувам дека чесноста, визијата и трудот сè уште значат нешто.

24инфо: Кои ќе бидат вашите први приоритети доколку ја добиете довербата на граѓаните?
Ливриниќ: Прво ќе се фокусираме на тоа што е основна обврска на секоја општина: асфалтирање улици, подобрување на уличното осветлување, урбана инфраструктура. Тоа нема да го претставуваме како голем успех, туку како обврска која мора да ја извршуваме. Ќе ги завршиме поликлиниката, градинката, ќе почнеме со вистинска работа на Културниот дом и ќе ја завршиме надградбата на „Ацо Шопов“. Покрај тоа, имаме план за уредување на зелените површини и за чистење на сите запуштени и узурпирани места. Нема да дозволиме повеќе диви депонии и срамни слики од Бутел.
24инфо: Каква е вашата визија за Бутел во следните четири години?
Ливриниќ: Мојата визија е Бутел да биде зелена и чиста општина, место каде што секој жител ќе се чувствува безбедно и гордо. Затоа ќе создадеме нови зелени површини и паркови на сите јавни простори кои денес се празни или узурпирани. Ќе изградиме модерни паркови, со урбана опрема прилагодена за младите, места за дружење и рекреација, како и паркови за миленици каде што нашите најдобри пријатели ќе можат слободно да трчаат. Со идната градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, ќе работиме заедно за подобар квалитет на живот, подобра инфраструктура и модерно секојдневие за сите бутелчани. Сакам Бутел да стане општина која се грижи за семејствата, која ја поддржува младоста, која го цени трудот на пензионерите и која инвестира во иднината на нашите деца.
24инфо: Кои се вашите конкретни планови за финансиска поддршка на граѓаните на Бутел?
Ливриниќ: Финансиската поддршка на граѓаните ќе биде клучен дел од мојата програма за развој на Бутел. Сакам секое семејство да почувствува директна помош и поддршка од општината, особено оние што се најранливи. Така, ќе обезбедиме бесплатен престој во градинките и бесплатен оброк за децата до 5 одделение во училиштата, за да им олесниме на семејствата и да создадеме услови за рамноправен пристап до образование. За децата од социјален ризик ќе обезбедиме финансиска поддршка за одмор, а секое новороденче ќе добие директна финансиска помош.
За учениците и младите, планираме стипендии за талентирани ученици и стипендии за средни стручни училишта, како и за курсеви за занаети и преквалификации кои се потребни на бизнис заедницата во Општина Бутел. Младинското претприемништво ќе биде поддржано со финансиски мерки, а граѓаните ќе добијат и субвенции за алтернативни еколошки превозни средства, како електрични тротинети и велосипеди.
Општината ќе овозможи финансиска поддршка за енергетски-ефикасни решенија дома – инвертери, соларни панели, соларни бојлери, како и за фасади и кровови на објекти за колективно домување. Пензионерите со минимална пензија ќе добијат финансиска помош од 6.000 денари, а ќе се формира и солидарен фонд за помош при здравствени интервенции и елементарни непогоди.
Сите овие мерки се дел од мојата визија Бутел да стане општина која се грижи за секое семејство, ги поддржува младите и пензионерите, и создава вистинска солидарност и подобар квалитет на живот за сите жители.
24инфо: Што е првото нешто што ќе го направите како градоначалник на Бутел?
Ливриниќ: Првиот мој чекор ќе биде целосно расчистување на дивите депонии и запуштените јавни простори. Тоа ќе биде јасен сигнал до сите граѓани дека новата локална власт е тука да работи за нив и дека редот и чистотата ќе бидат приоритет. Ќе формирам посебна служба за инспекциски надзор која нема само да казнува, туку и да превенира, со континуирани акции за едукација и вклучување на заедницата. Бутел заслужува да биде пример за еколошка и уредена општина, а тоа ќе започне веднаш, без одлагање. Моја цел е секој жител да види промени уште во првите 100 дена од мојот мандат.
24инфо: Која е вашата порака до граѓаните на Бутел?
Ливриниќ: Моја порака е дека Бутел не смее да изгуби уште четири години во чекање и празни ветувања. Време е за промени. Време е за чесна и посветена локална власт која ќе работи за граѓаните, а не за лични интереси. Ветувам работа, посветеност и партнерство со секој од вас. Верувам дека Бутел има потенцијал, Бутел има шанса – и заедно ќе го направиме подобар, почист и поубав дом за сите нас.