Skip to main content
Живот

Горан Тонев се потсети на ноќта кога животите згаснаа во Кочани

16/09/2025  15:23

Горан Тонев, гитарист на групата ДНК и еден од преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес преку социјалните мрежи се наврати на трагичната ноќ од пред шест месеци, која, како што вели, засекогаш ги променила животите на сите што биле дел од тој настан.

„Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри како и на секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака, колеги мои… Засекогаш ќе ве носам во моето срце. Почивајте во мир“, напиша Тонев.

Во пожарот што избувна на 16 март загинаа 62 лица, меѓу кои и повеќе членови и соработници на групата ДНК: вокалистот Андреј Ѓорѓиевски, професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.

Тонев по трагедијата помина два месеца на лекување во болница во Солун. Пожарот го преживеаја и фронтменот на групата Панчо, како и придружниот вокал Ана Костадиновска.