Skip to main content
Балкан

Руско разузнавање: ЕУ подготвува „Мајдан“ во Србија

15/09/2025  12:49

Европските елити се решени да ја искористат годишнината од трагичниот настан во Нови Сад во Србија за пресврт на ситуацијата во своја корист, објави денеска Службата за надворешно разузнавање на Русија (СВР), пренесоа српските медиуми.

Според службата, Европската Унија подготвува „Мајдан“ во Србија, со моменталните немири во земјата со активно учество на млади луѓе.

Прес-службата на СВР на Руската Федерација известува дека, според информациите што ги добиле, немирите во Србија се во голема мера производ на субверзивни активности на ЕУ и на нејзините земји-членки.

„Целта на европскиот либерален мејнстрим е да донесе на власт во оваа најголема балканска земја послушно раководство, лојално на Брисел. Мора да се признае дека европските елити успеваат во многу работи: младите луѓе се радикализираат, преминувајќи од мирни протести кон револуционерни методи на борба и насилство“, се вели во соопштението на СВР.

Се додава и дека сценариото за обоена револуција во Србија, кое Западот успешно го тестираше во многу земји, не успева.

„Крајните цели на европската бирократија не се постигнати. За ваквиот развој на настаните има три причини: Силните патриотски чувства што опстојуваат во локалното општество, обединувачкото влијание на Српската православна црква, како и сеќавањето на агресијата на НАТО и бомбардирањето на земјата, што резултираше со нејзин колапс“, соопшти СВР, пренесоа српските медиуми.