Skip to main content
Скопје

Орце Ѓорѓиевски го промовира „SKOPJE CITY GO“ градот на дланка

14/09/2025  23:58

Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го презентираше проектот „SKOPJE CITY GO“, унифицирана дигитална картичка што ќе им овозможи на граѓаните пристап до сите градски услуги на едно место.

Со оваа картичка, скопјани ќе можат без чекање во редици да користат јавен превоз, паркинг услуги, културни и забавни содржини – музеи, театри, кина, жичарата и Зоолошката градина.

Посебен акцент е ставен на социјалната еднаквост: средношколци, семејства со ниски примања, пензионери, невработени и лица со попреченост ќе ја добијат картичката бесплатно, со услуги достапни по намалени цени или без надомест.

„Картичката ќе вклучи и дополнителни поволности преку општествено одговорни компании, со што младите ќе имаат повеќе можности, семејствата ќе заштедат, а компаниите ќе придонесат за заедницата,“ изјави Ѓорѓиевски.

„SKOPJE CITY GO“ ќе биде достапна како физичка картичка и мобилна апликација, со цел полесна употреба за сите генерации.

„Со ‘SKOPJE CITY GO’ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.