
Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ ја алармира јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата Вардариште, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината.
Граѓаните кои живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицински лица постојано предупредуваат за последиците по нашето здравје, особено по здравјето на децата. Проблемот не е нов, но во последните месеци зачестеноста и интензитетот достигнаа алармантно ниво.
Иницијативата бара од надлежните институции:
- итно гаснење на активните пожари,
- континуирано физичко обезбедување на локацијата од МВР и/или АРМ,
- поставување ограда околу целата депонија,
- поставување камери, вклучително термални, со јавен онлајн пристап 24/7,
- итно издвојување финансиски средства за санација и затворање на депонијата,
- формирање независна комисија за утврдување на причините и одговорноста,
- целосна реформа на системот за управување со отпад преку концептот „нула отпад“.
Според официјални податоци, уште од 2014 година на локацијата се претпоставува дека се депонирани околу 2.500.000 м³ отпад, со непознат состав. Анализите потврдуваат дека, покрај комунален, има и индустриски отпад, кој ја загадува околината и подземните води.
„Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови“, предупредуваат од иницијативата.
Од таму ги повикуваат медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем.
„Доста е! Вардариште не смее повеќе да гори!“ – порачуваат од граѓанската иницијатива.