
Фудбалерите на Работнички на импресивен начин го отворија Купот на Македонија. Иако во Првата македонска фудбалска лига по три одиграни кола сè уште немаат постигнато гол, денеска „црвено-белите“ се „истурија“ на гостувањето кај Карбинци и извојуваа рекорден триумф од 0-16.
Овој резултат е втора најубедлива победа во историјата на Купот, со што Работнички го надмина постигнувањето на Вардар против Пролетер (16-1). Највисокиот триумф сè уште го држи Брегалница, која во минатото славеше со 22-0 против Ново Црнилиште.
На полувреме во Карбинци беше веќе 0-9, а прволигашот од Дебар Маало до крајот на натпреварот постигна уште седум гола. Стрелци беа Николовски (2), Далеи Кристојае (2), Демири, Мециновиќ, Кадриу, Асани (2), Ангелов, Елези, Бошњаков, Жаку (2) и Хоџа (2).
Убедлив старт имаше и Брегалница, која на гостувањето кај Победа во Виница славеше со 0-6. За штипјани погодија Мадевски Илија (автогол), Демири Хусеин, Темелков, Калпачки, Иванов и Тасев.
Победа на гостински терен запиша и Силекс, кој во Новаци со 1-7 го совлада третолигашот Евротип Онлајн. Головите за кратовци ги постигнаа Беровиќ, Алиќ, Говедарица (2) и Хрвановиќ (3), додека единствениот погодок за домаќините беше дело на Марцевски.