
Русија денеска соопшти дека зазела уште две населби во регионот Доњецк во источна Украина, зголемувајќи го воениот притисок на теренот во време кога дипломатските напори за наоѓање решение за конфликтот се забрзуваат.
Руската војска вчера соопшти дека зазела три села во истиот регион.
Во соопштение преку Телеграм, руското Министерство за одбрана утрово објави дека ги зазело градовите Средњее и Клебан-Бик во Доњецк.
Заземањето на Клебан-Бик означува уште еден чекор кон градот Констјатиновка, важно упориште на патот кон Крематорск, што пак е важна точка за украинската логистика на фронтот во Доњецк.
Руската војска ги зголеми своите територијални освојувања во последните месеци против бројно помалите и слабо опремени украински војници.
Извештаите за руски напредувања на линијата на фронтот доаѓаат во време кога се намалуваат изгледите за средба меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски, иницирана од американскиот претседател Доналд Трамп заради постигнување мирно решение на конфликтот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера го обвини украинскиот претседател Володомир Зеленски дека го блокира организирањето средба со Путин, еден ден откако украинскиот лидер упати слични критики кон Москва.
Трамп, кој сака брзо решавање на војната на Русија против Украина што започна во 2022 година, вчера изјави дека си дава две недели да одлучи за својот став во врска со конфликтот.