
Во Македонија и понатаму постои сериозен проблем со детските бракови, предупредуваат од невладината организација „Отворена порта“, која се бори против насилството и трговијата со луѓе.
Според податоците, 1.355 девојчиња на возраст од 15 до 19 години веќе се мажени, додека бројот на момчиња во иста возрасна група е само 260. Дополнителна загрижувачка состојба претставува адолесцентната бременост, која е особено присутна во сиромашни и маргинализирани заедници.
Најпогодени се девојчињата од ромската заедница, кои се соочуваат со прекин на образованието, губење на детството и ограничување на слободата.
„Детскиот брак уништува детство, образование и слобода. Ако препознавате ваков случај, јавете се на 0800 11111“, порачуваат од „Отворена порта“.