Skip to main content
Спорт

Министерството за спорт – официјален покровител на првиот Регионален спортски самит во Скопје

20/08/2025  17:37

Македонската престолнина Скопје на 10 септември ќе биде домаќин на „Првиот Регионален Спортски Самит“.

– Како настан кој има за цел да придонесе за развојот на спортот кај нас, преку искуства од регионот, со огромна гордост најавуваме дека Министерството за спорт е официјален покровител на Првиот Регионален Спортски Самит под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“. Годинава, главниот град ќе стане центар на регионалниот спортски дијалог, обединувајќи експерти, институции, спортски работници, млади спортисти и визионери од целиот регион.

Овој иновативен и стратешки значаен настан, прв од ваков тип во земјата, претставува платформа за креирање нови идеи, политики и партнерства што ќе го унапредат спортот како клучен сегмент од националниот идентитет и двигател на општествениот развој.

Со поддршката на Министерството за спорт, самитот има за цел да создаде конкретни предлози и иницијативи за модернизација на спортската инфраструктура, поголема вклученост на младите, како и развој на одржлив спортски екосистем во државата и регионот, соопшти организаторот на самитот „Why Not“.

Програмата на самитот вклучува низа панели, презентации и работилници на теми како што се: Национална спортска стратегија и инвестиции, Иновации и дигитализација во спортот, Младински спорт и развој на спортски таленти, Маркетинг, брендирање и финансирање во спортот, Регионална соработка и добри практики. Самитот ќе ги обедини претставниците на спортските федерации и клубови, професионални и аматерски спортисти, тренери, претставници на државните институции и локалната самоуправа, приватниот сектор, медиумите, универзитетски професори и студенти, како и гости од меѓународни спортски и бизнис организации регионот.