Skip to main content
Свет

Кина купува руска нафта што Индија ја одбива

20/08/2025  18:43

Кинеските рафинерии организираа нови пратки руска сурова нафта од пристаништата што вообичаено ја снабдуваат Индија. Пренасочувањето се случи откако побарувачката во Индија ослабува откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе тарифи за земјата поради трговијата со Москва, објави Си-Ен-Ен. Аналитичарите велат дека кинеските рафинерии обезбедиле најмалку 15 пратки руска нафта што ќе бидат испорачани во октомври и ноември. Кина и Индија станаа клучни купувачи на руска нафта по инвазијата на Украина во 2022 година, кога западните земји воведоа санкции и почнаа да ги избегнуваат руските енергетски производи.

Трамп се закани во јули дека ќе воведе секундарни тарифи за земјите што увезуваат руска нафта, со цел да го зголеми притисокот врз Москва да ја прекине војната во Украина. Порано овој месец, тој воведе дополнителна царина од 25 отсто на индискиот извоз во САД, покрај веќе постојната царина од 25 проценти, токму поради увозот на руска нафта и гас. Тоа ја принуди Индија драстично да ги намали своите нарачки.

Според податоците од фирмата за следење на стоки и испорака „Кплер“, кинеските државни и големи приватни рафинерии купиле околу 13 товари западноруска сурова нафта за испорака во октомври и најмалку два за ноември, од минатата недела. Мују Сју, виш аналитичар за сурова нафта во „Кплер“, рече дека 15-те товари, секој содржејќи помеѓу 700.000 и еден милион барели, ќе бидат натоварени од руските арктички и црноморски пристаништа. Ова се залихи кои, со оглед на растојанието, нормално би оделе во Индија, а не во Кина.

Таа го опиша купувањето како „опортунистички“ потег, со оглед на тоа што руската нафта е сè уште најмалку три долари по барел поевтина од алтернативите на Блискиот Исток. „Што се однесува до тоа дали Кина ќе продолжи да купува, јас лично верувам дека сега е сè уште многу добра можност, бидејќи Трамп сè уште силно притиска врз Индија“, рече таа.

По средбата со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп во петокот изјави за „Фокс њуз“ дека во моментов не размислува за воведување тарифи за Кина за купување руска нафта, но додаде дека можеби ќе го стори тоа „за две или три недели“.

-Искористувајќи ја оваа можност додека цените се ниски, мислам дека повеќе рафинерии веројатно ќе размислат да купат повеќе, во рок од една или две недели, додаде Сју, осврнувајќи се на кинеските рафинерии.

Пред неодамнешните намалувања, Русија беше најголемиот снабдувач на сурова нафта во Индија, со 36 отсто удел на пазарот. Минатата година, Индија увезе нафта и сурова нафта во вредност од 53 милијарди долари од Русија. Од друга страна, Кина увезе руска нафта во вредност од 62,6 милијарди долари минатата година, а руските испораки сочинуваат 13,5 проценти од кинескиот увоз.

Сепак, Сју верува дека Кина веројатно нема да може целосно да го компензира падот на индиската побарувачка. Индија купуваше околу 1,7 милиони барели дневно од Русија, додека Кина купува околу 1,2 милиони барели руска нафта транспортирана по море.

-Ако Индија продолжи да го одложува купувањето, тоа ќе биде вистински проблем за Русија – Кина едноставно не може сама да се справи со целиот тој обем, заклучи таа.