
Министерството за здравство соопшти дека веќе се координира за проверка на тврдењата споделени во јавноста за можни непотребни медицински интервенци, како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика.
Дополнително, како што се посочува, министерот за здравство Азир Алиу веќе најавил дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин – само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.
Во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена. Почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите. Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем, наведуваат од Министерството и потенцираат дека тие принципи се основата и на новиот пристап на нивното раководење.
Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем. Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам, потенцираат од Министерството.