Skip to main content
Скопје

Османи нуди нов модел на одговорна општина: од „Јавна каса“ до „Чаир 48“ – како ќе функционира општина Чаир?

20/08/2025  15:11

Покрај отворените тендери, независниот мониторинг и „јавната каса“, планот на Бујар Османи за Чаир предвидува и канали што директно ја поврзуваат администрацијата со секојдневните проблеми на луѓето.

Концептот „Чаир 48“ воведува обврска општинските служби да дадат одговор или решение за пријави од комунална природа во рок од 48 часа. Наместо оправдувања или општина што е магацин на оправдувања како што ја нарекува Османи, жителите добиваат јасен рок и адреса на одговорност.

Вторник станува „отворен ден“, термин кога градоначалникот и службите примаат граѓани без закажување. Со тоа, пречките да се стигне до институцијата се намалуваат на минимум. Османи најавува и јавен календар на средби и одлуки и ја прави видлива агендата на општината: со кого се среќаваат функционерите, што се договорило и кога се носат одлуки.

Суштината на моделот е проста, но досега неприменета на локално ниво. Идејата е транспарентноста да може да се провери, рокови што може да се измерaт и надзор што не зависи од добра волја. Алатките за јавни финансии во реално време, отворените седници за тендери и надворешниот мониторинг го намалуваат просторот за манипулации, а „Чаир 48“, отворениот ден и јавниот календар го скратуваат патот од проблем до решение.

Ова е новитет во пристапот на локалните кампањи, каде традиционално доминираат ветувања за објекти и километри асфалт.

Ако Чаир го усвои ова како стандарден начин на работа, тоа ќе значи системска промена, поодговорна администрација, поефикасни служби и, најважно, буџет што служи на јавниот интерес, а не на партиски или приватни агенди.