
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓеорѓиевски, најави дека еден од првите приоритети на новата градска власт ќе биде решавањето на деценискиот проблем со булеварот „Цветан Димов“. Тој денеска, заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, заменик-министерот Ѓоко Велковски и пратеникот Беким Сали, изврши увид на терен и го претстави проектот кој треба да донесе трајно решение.
„Секојдневно повеќе од 100.000 граѓани ја користат оваа делница која ги поврзува Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Центар. За жал, досега сите ветувања од поранешните градоначалници останаа само на хартија. По големата победа во октомври, со поддршка од сите наши сограѓани – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи и други – една од првите задачи ќе биде токму оваа“, изјави Ѓеорѓиевски.
Тој нагласи дека Скопје заслужува безбеден и функционален булевар, додавајќи дека овој проект ќе биде реализиран со сериозна работа и многу труд. „Свесни сме во каква состојба се наоѓа градот и затоа сме тука да ја направиме разликата – да ги ставиме во функција запоставените јавни претпријатија, да ја исчистиме депонијата во која се претвори, да го надминеме сообраќајниот хаос и да донесеме вистински решенија за безбеден, чист и достоинствен град“, порача Ѓеорѓиевски.
Тој додаде дека Скопјани повеќе нема да чекаат и дека е време за промени кои ќе се чувствуваат на терен, за едно ново, посигурно и поубаво Скопје.