
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денес ја посети Старата скопска чаршија – културното и историското срце на градот, место кое низ вековите го обликува неговиот идентитет и дух.
Ѓорѓиевски беше во друштво со локалните занаетчии и еснафи, луѓе кои со генерации ги чуваат традициите и автентичноста на Чаршијата. Средбата помина во отворена дискусија за проблемите со кои се соочуваат, а централна тема беше – запоставеноста од институциите.
Занаетчиите истакнаа дека со години наназад испраќаат дописи и реакции до надлежните, но нивните барања остануваат без одговор. Најболното прашање – раскопаната калдрма, која по интервенции на јавното претпријатие „Водовод“ останала во очајна состојба, без санација. Овој симбол на Чаршијата, кој е законски заштитено културно наследство, денес е и срам за градот и опасност за минувачите.
Занаетчиите побараа:
- Целосна реконструкција на делови од Чаршијата со почит кон историската автентичност,
- Поставување на подземни контејнери за подобра хигиена,
- Поголема грижа и системски пристап од страна на градските власти.
Ѓорѓиевски порача дека нивните барања се оправдани и јасно ги стави како приоритети во својата изборна програма:
„Чаршијата заслужува грижа, а Скопје заслужува да биде повторно достоинствен град – метропола со културен идентитет, привлечна за посетители и топол дом за сите скопјани. Град кој зрачи со ред, автентичност и иднина. Заедно, ќе го направиме тоа можно.“
Посетата на Ѓорѓиевски доаѓа во време кога урбаниот хаос и запоставеноста на културното наследство стануваат сè поголема болка за граѓаните на главниот град. Занаетчиите во Чаршијата велат дека конечно чувствуваат дека некој ги слуша.