Skip to main content
Македонија

Врнежи и грмежи доаѓаат во Македонија, можно е невреме!

30/07/2025  12:13

Метео анализа на Славчо Попоски:

Под влијание на фронтален систем кој се спушта од север  и од северозапад, во текот на ноќта кон утрешниот ден (четврток) како и во текот на целиот утрешен ден (четврток 31 јули) времето во нашата Република Македонија ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со повремени врнежи од дожд, појава на грмежи како и со засилен ветер во зоната на нестабилност. Локално врнежите ќе бидат пообилни.

Локално пак, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења  и со услови за појава на град. И во Скопје  и околината во погоре споменатиот период времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд во делови од котлината. Исто така, во делови од котлината ќе биде  и нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер  и со услови за појава на краткотрајно невреме.

Апелирам, во случај на појава на невреме  и на електрични празнења граѓаните да обратат поголема внимателност, односно да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер, апелирам граѓаните своите автомобили да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се стари и осамени.

Што се однесува до температурите, тие денес ќе се искачуваат во интервалот од 26 до 34 степени, во Скопје температурата ќе се искачи до околу 30 степени. Утре (четврток 31 јули) пак ќе биде значително посвежо со максимални температури на воздухот кои ќе се искачуваат во интервалот од 20 до 29 степени, во Скопје максималната температура утре (четврток 31 јули) ќе се искачи до околу 29 степени.